Попладневниот ритуал на пиење свежо сварено домашно кафе е бесценет. Во тишина или со опуштена музика, сами или во друштво, со мирис на овој топол пијалок, уживањето е загарантирано. Релаксирачкиот мирис на кафе може да те пречека и кога ќе влезеш во станот, уморен по дневните обврски, а речиси загарантирано ќе те опушти и ќе ти ја врати енергијата.
Покрај тоа што будат пријатни чувства, аромите на миризливите свеќи ги стимулираат сите наши сетила, а можат да се направат едноставно и брзо.
стаклена чаша
1 лажичка мелено кафе
восок
фитил
метален или стаклен сад за мешање
тенџере
Стави го восокот во металниот сад и садот стави го над тенџере кое е до половина наполнето со вода. Загреј ја водата и почекај да се стопи восокот.
На дното на стаклената чаша во која сакаш да ја ставиш свеќата, стави фитил и додај мелено кафе. Прелиј половина од растопениот восок врз кафето и почекај да се олади. Другата половина од растопениот восок измешај ја со крупни зрна кафе, па истури го во чашата, внимавајќи врвот на фитилот да остане над восокот. Остави добро да се олади.
За дополнителна арома, можеш да додадеш стапче цимет или ванила за да добиеш малку посладок мирис.
Зимскиот период, кога поминуваме повеќе време дома, е идеален за DIY проекти. Дали некогаш си се обидел сам да направиш миризлива свеќа? Пиши ни во коментари.